На 6 Октомври во кино „Милениум“ беше отворен 6. Филмски фестивал за деца и млади „Џифони Македонија“, со италијанскиот филм „По трагите на мојот татко“ на режисерот Марко Сегато.
Фестивалот ќе се одржува на повеќе локации во Скопје до 11 октомври, а програма содржи долгометражни и краткометражни филмови, креативни работилници, мастеркласови, креативни и едукативни активности во кои ќе бидат вклучени околу 650 деца и млади на возраст од 10 до 19 години.
Покрај деца од Македонија, во жирито ќе учествуваат над 50 деца од странство, кои за време на фестивалот ќе бидат гости во домовите на своите другарчиња. Тема на годинашниот фестивал е „Вода (Аква)“, со што „Џифони“ почнува циклус посветен на екологијата. Во наредните две години ќе следуваат „Воздух“ и „Земја“, а за таа цел како партнер на фестивалот се вклучува „Пакомак“.
На 11 октомври, во Киното Милениум ќе се оддржи свеченото затворање на Фестивалот, на кое ќе бидат прогласени победничките филмови и ќе се прикажат резултатите од креативните работилници.