Во рамки на отворениот ден и отворениот час по Граѓанско образование, нашето училиште одржа прекрасен онлајн настан . Истиот беше иницијатива на самите ученици. Токму поради епидемиолошката ситуација во Републиката и заштитата на здравјето на сите гости и чинители, беше одлучено тој да се одвива онлајн. Помош при реализцијата на активностите учениците добија од наставникот по Граѓанско образование, училишниот психолог, стручната служба и директорката на нашето училиште.
Настанот се одржа на платформата Zoom во 13 часот на 10 март, а на истиот присуствуваа и многу гости од: МОН, МЦГО, БРО, Општина Карпош, родители, жители на локалната заедница и другари и пријатели на учениците. По обраќањето на директорката м-р Матилда Бајкова за добредојде на сите на настанот, учениците ја реализираа идејата за подигање на свеста во локалната заедница за зачувување на околината преку апел низ презентација до сите чинители во заедницата да не се уништува нивното детско игралиште. Учениците повикаа на внимателност од соучениците и другарите додека го користат игралиштето. Тие побараа помош од возрасните да влијаат кај оние младинци кои се однесуваат агресивно на игралиште и насочија пораки кон сите за подигнување на локалната свест. Целта на учениците кои беа водители и реализатори на настанот беше да го насочат јавното мислење кон сочувување на работите во локалната заедница и одговорно однесување, а преку тоа и да се прекине со кршење и уништување на нивното игралиште.
Забележително е дека самите ученици покажаа високо ниво на свест во однос на проблемот на оштетувањето на јавната урбана опрема. Тие покажаа одговорност и им покажаа на родителите и заедницата преку своето однесување дека треба да се внимава кога истата се користи.
Настанот траеше околу половина час поради органичувањата на платформата Зум, во кои освен презентациите на учениците можеше да се слушнат и прашања од гостите кон учениците како дел од настанот. Одговорите беа спонтани и ја отсликаа реалната состојба пред која се исправени учениците и нивната вистинска желба да променат нешто во својата локална средина. На крај се презентираа заложби и идеи за понатамошните активности кои ќе се превземат околу иницијативата од страна на учениците со цел кревање на локалната свест во нивната заедница. Заклучоок е дека активностите на учениците ќе продолжат и во иднина.