На денешен ден, 5 Мај, го одбележуваме Денот на македонскиот јазик, денот кога во 1945 г. е озаконета македонската азбука. Генезата на македонскиот писмен јазик ја следиме уште од првите црковнословенски ракописи од X-XI век, кога се појавуваат првите типично македонски зборови, и тој развој го следиме низ вековите, со засилено навлегување на македонскиот народен јазик во ракописите од крајот на XVI век. Во XIX век веќе се појавува и јасна свест за посебноста на македонскиот јазик и за неговото место во јазичното семејство на светот, свест што кулминира во делото „За македонските работи“ од Крсте Петков Мисирков, објавено во 1903 г.
Тој континуитет во развојот на македонскиот јазик е потврден на Првото заседание на АСНОМ, на 2 август 1944 г., датум од огромно значење за нас – датум на кој македонскиот јазик за првпат и официјално станува службен јазик во една држава – македонската држава. По официјализирањето, на 5 мај 1945 г. со Решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, азбука којашто исто така се надоврзува на претходната писмена традиција – црковнословенската кирилица, реформираната кирилица, т.н. граѓанка, како и графискиот систем што го користи Мисирков.
На 7 јуни 1945 г. е усвоен и правописот на македонскиот јазик, а набргу потоа следуваат и основоположничките дела на великанот на македонскиот јазик, Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик – и со тоа се заокружува кодификацијата на македонскиот јазик.
Од тој момент, македонската азбука и правопис почнуваат да се користат во практиката и се впрегнуваат во секојдневната јазична употреба од сите сфери на животот. Тестот на писмената практика – македонскиот јазик го положува со највисока оцена. Доказ за тоа се илјадниците дела напишани на македонски јазик со македонска азбука и правопис: и тоа од уметничка литература до врвни научни дела, од разговорен јазик до јазик на општеството, просветата, културата и медиумите.