Почитувани, колешки, колеги, наши соработници, пријатели на нашето училиште „Аврам Писевски„ дозволете ми да ви се обратам на ваков начин по повод нашиот Јубилеен патронен празник, 35-години од функционирањето на училиштето.
Оваа година, за жал, поради пандемијата со вирусот Ковид-19 со кои се соочува целиот свет, нашиот Јубилеј е одложен за подобри времиња, но, сепак Ви се обраќам на ваков начин, кој е пак своевидна позитивна придобивка од пандемијата, комуникацијата на современиот свет како аудио така и визуелно поврзување, кое ова училиште го практикува повеќе или помалку последниве три години.
Училишниот објект е изграден со средствата од самопридонесот на граѓаните на Република Македонија во 1979 година, а верифицирано е од Општинскиот комитет за образование, култура и физичка култура во 1986 година.
Од 1.2.1980 год. наставата започнала да се изведува во новата училишна зграда, а училиштето административно било дел од ОУ„ Јосип Броз Тито“ сегашно ООУ „ Димо Хаџи Димов“. Тогашен заменик директор бил Боце Алексовски.
До пред осамостојувањето на училиштето, заменик директор до 1984 година била Радмила Станковиќ.
Развојниот пат на ООУ „Аврам Писевски“ с. Бардовци, Скопје се одвива во две етапи, првата етапа е периодот од основањето и почетокот со воспитно-образовна работа од 1980 година во состав на ОУ „Димо Хаџи Димов“, а вториот период почнува од 1985 година кога училиштето се регистрира како самостојно училиште.
Од осамостојувањето на училиштето и именување во ОУ „Аврам Писевски“, со училиштето раководеле следните директори:
- Младеновски Борко од 1985 – 1990 година
- Момировски Милан од 1990 – 2007година
- Милисавова Рајна од 2006 до 2007 година
- Момировски Милан од 2007 до 2009 година
- Петковски Драги од 2009 – 2014 година
- Марина Милеска од 2014 –2018 година
- м-р Матилда Бајкова од 2018 година
Називот на училиштето е променет во Општинско основно училиште со решение од Централен регистар на РМ од 06.11.2012 година.
Во него денеска според регионизацијата гравитираат ученици од населбата Злокуќани, Момин Поток и с. Бардовци.
Во последните три години училиштето доживува своја преобразба во едно современо и квалитетно како инфраструктурно така и кадровски основно деветгодишно училиште.
Дозволете ми, да им заблагодарам во последниве три години на наставниот кадар, на стручната служба, на учениците и родителите и секако на градоначалникот на Општината Стефан Богоев и неговиот тим за поддршка кои ни излегуваа во престрет на сите наши потреби и барања ова училиште денеска да се вбројуба еднакво меѓу останатите 9 основни училишта во најурбаната и најзелената општина, општина Карпош во градот Скопје.
Во последните три години училиштето доби нова сопствена котларница со најсовремен систем на греење, која е редовно снабден со нафта за домаќинство од страна на општината, нови простории во состав на училиштето, за потребите на стручната служба во училиштето, а од месец февруари функционираат новите реновирани современи тоалети за учениците како и посебен тоалет за деца со посебни потреби со средстваовозможени на општината Карпош, УСАИД и МЦГО, веднаш до сензорната соба која се подготвува за нејзино користење од месец септември од учебната 2020/2021 година која пак е направена од донација на средства од општествена одговорност на компанијата Принтек-Скопје.
Дворот на училиштето е збогатен со нови содржини за учениците и наставниците кои со помош на невладиниот сектор и градот Скопје заедно со родителите, се впишаа во училишта кои се одговорни за следење на современите трендови за раснење, образување и воспитување на децата, одгледување сопствена градина со чајни и сезонски зеленчукови растенија кои пак ги зголеми можностите за ширење на соработката на училиштето со други училишта во и надвор од земјата, на разни проекти поврзани со градината и со мултикултурализмот. Особено сум горда на својата соработка со училишта од регионот, со ОШ „Други Шумајиски одред“ од с. Марковац, Р.Србија, ОШ „Душан Јерковиќ“ од Рума, ОШ „Јован ПОповиќ„ од Инџија, ОШ „Лаза Костиќ“ од Нов Белград, ОШ „Краљ Петар 1“ од Ниш, на разни проекти кои не направија побогати во својот мултикултурализам, како и основно училиште со кои ни претстои соработка во наредниот период од Р. Хрватска. Не помалку значајни се и нашите соработници од училишта од Македонија чиј број се зголемува, меѓу нив: „Лиман Каба“ од Љуботен, општина Бутел, „Васко Паса“ од општина Сарај и училишта со кои во наредниот период ќе оствариме плодна соработка од повеќе делови и краеви на Република Северна Македонија.
Слободно може да кажам, дека, мисијата на Нашето училиште како здрава и пријатна средина која им овозможува на учениците, како главни субјекти на сите активности, да се здобијат со основните знаења, умеења и вештини неопходни за продолжување на образованието и секојдневното функционирање, а на наставниците да реализираат современа и квалитетна настава со примена на современи наставни методи и техники и континуирано професионално усовршување, во потполност е исполнета.
А визија пак, која се однесува на обезбедување на еднакви можности на учениците од сите етнички групи да ги искористат своите капацитети за да стекнат знаења, способности и вештини преку модернизација на наставата, осовременување на наставните средства и усовршување на наставниот кадар станува секојдневна активност на сите чинители во училиштето.
Учествата на разните манифестации, конкурси, натпеварувања од општински, градски, регионален, национален и од светски карактер во последните три години доаѓаат до израз како и напредокот на учениците и постигнувања повисоки резултати на секое ниво.
Воспитно образовниот процес се одвива со континуиран пораст на ученици и заинтересираност на родителите, Советот на родителите како наши партнери.
Денес кога требаше да го одбележиме со голем број активности, гости од земјава и странство со кои оддаваме почит на оние кои дале придонес низ сите години на постоење, ќе честитавме пред членови од семејството на Аврам Писевски кој неминовно овие три години се дел од училиштето, ќе се гордеевме со постигнатото…
Но, во време предизвик за целото човештво а и наш предизвик е зачувување на здравјето на нашите ученици и вработени, па благодарение на нашите посветени наставници, вредните ученици оваа година на многу поинаков но, не помалку интересен начин го одбележуваме патрониот празник на нашето училиште.
Честит Празник Патрону Наш!!!
Дете кажува за ликот и делото на А.Писевски и честитки од ученици
По тој повод за вас наставниците и учениците подготвија дел од своите мисли кон патронот и секако времето во кое чевствуваме. Булките се симболот на крајот во кој е училиштето, булката е симбол со нејзината црвена боја, боја на слободата и бојата на крвта која ја пролеал и нашиот патрон за денеска да можеме да живееме во слобода и спокојство и да го славиме неговото дело.
Низ пригодна виртуелна изложба на цртежи и творби не само од нашите ученици, туку у од учениците од збратимените училишта кои и покрај сложената ситуација и зглемените обврски не заборавија на нашиот Виртуелен Јубилеј во оваа 2020 година. Од срце од свое име и од името на мојот колектив им заблагодарувам на учеството во годинешново одбележување тоа се основните училишта „Други шумадијски одред“ од Марковац, „Душан Јерковиќ“ од Рума и „Јован Поповиќ“ од Инџија, сите од Р.Србија .
А како паметник од овој Јубилеен роденден ќе ни остане портретот на херојот Аврам Писевски создаден од уметничките вредни раце на нашиот наставник по ликовно образование кој воедно е и наш познат академски сликар Тони Шулајковски. Тој ќе биде дел од нас и во годините што следат поставен на почесно место.
Портрет на нашиот патрон
https://www.artsteps.com/view/5ebd341315727d50c049f2b5