На наше задоволство во нашето училиште гостинка беше писателката Виолета Наумовска, поетеса и авторка на литература за деца која заедно со библиотекарката Татјана Митрички одржаа работилница за читање со разбирање, со учениците од 3 одд. Преку приказната „Зајачица Лапачковска“ ги потсети децата како треба да го чуваат и одржуваат другарствово и зошто е толку многу важно за секој од нив. Преку приказните за деца, како што вели писателката Виолета, им се обраќа и на возрасните. Децата учат, а возрасните се потсетуваат. Тоа се секогаш приказни со пораки кои децата можат лесно да ги прочитаат, да ги отпакуваат и секако, да ги применуваат. Приказните се насочени кон потсетување, запознавање и живеење на човечки хумани вредности, поттикнување на емпатија, другарство, себепочитување, трпение, благодарност, со еден збор Заедништво, кое им носи радост на сите кои се во него.